Во Чешка е регистриран највисокиот дневен биланс на заразени од ковид-19 од почетокот на пандемијата. На 16 ноември се пријавени 22.479 нови случаи на заразени во земјата која има 10,7 милиони жители.
Податоците што денеска ги објави Министерството за здравство покажуваат дека има раст на бројот на заразени за 54 отсто во споредба со пред една недела. Досега во земјата највисока бројка на заразени е забележана во јануари кога имало 17. 778 инфекции во еден ден.
Бројот на заразени повторно расте во голем број европски земји, вклучително и соседите на Чешка - Австрија, Германија и Словачка, бидејќи студеното време влијаеше на ширењето на вирусот.
Стапката на вакцинација во Чешка заостанува зад стапката во другите земји. Во земјата целосно е вакцинирано 57,6 отсто од населението, а просекот во ЕУ е над 69 отсто на вакцинација, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Во болниците во Чешка од ковид се лечат 4.425 пациенти, според податоците од 16 ноември, што е помалку од половина во споредба со рекордните бројки на хоспиталзиирани забележани во март годинава, соопшти Министерството за здравство.
Во земјата важат полесни ковид ограничувања во споредба со претходните бранови. На сила сега се ковид сертификатите за вакцинираност, прележаност или негативни тестови за влез на луѓето во ресторани и барови