Од Илинденска до вселената

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство венко Филипче денеска најави дека Комисијата за заразни болести утре ќе има состанок на кој ќе бидат разгледани нови мерки за спречување на ковид-заразата и ќе се однесуваат на невакцинираните.

КОСОВО - Четворица руски државјани кои вчера биле приведени во Косово, денеска се протерани од државата поради сомнение дека на нелегален начин ја преминале границата и од Србија влегле во Косово. Основното обвинителство во Митровица објави дека против двајцата мажи и двете жени од Русија е поднесено обвинение за неовластено преминување на границата и за истите е издаден налог за протерување од Косово.

ЕУ / УНГАРИЈА - Европскиот суд за правда донесе одлука со која и пресуди на Унгарија. Според неа Унгарија ги правилата на ЕУ кога го прогласи за кривично дело актот на поединци или организации да им помагаат на мигрантите и бегалците во аплицирање за азил.

ПАКИСТАН - Седум лица се ранети при напад со рачна граната во близина на собир на локални племенски старешини во пакистанската област Јужен Вазиристан. Началникот на локалната полиција Ханзеб Мохманд за РСЕ изјави дека старешините на племето Ахмадзаи Вазир одржувале џирга во областа Вана на 16 ноември кога се случи нападот. Засега никој не ја презеде одговорноста, а Мохманд рече дека полицијата истражува.

ЕРМЕНИЈА - Ерменија побара помош од Москва за да се одбрани од Азербејџан по новите судири долж границата меѓу двете земји. Обновените судири доаѓаат по една година од прекинот на огнот по војната за отцепениот регион Нагорно-Карабах.

САД / РУСИЈА - САД ја обвинуваат Русија дека опасно и невнимателно дигнала во воздух свој сателит, создавајќи опасен облак од разлетани парчиња во близина на Меѓународната вселенска станица (ИСС).

ПОЛСКА - Мигрантите на границата меѓу Белорусија и Полска се судрија со полските војници, фрлајќи камења и други предмети кон тешко вооружените граничари, кои одговорија со водени топови, солзавец и шок-бомби.

МАКЕДОНИЈА - Сметам дека наскоро ќе добиеме нова влада, повторно предводена од Зоран Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри, рече денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој вели дека реконструкцијата на владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. За реконструкцијата на владата ќе се преговара со коалициските партнери, а тоа може да биде комплицирано за распределба на нови ресори.