ВМРО-ДПМНЕ: Формирање на експертски тим за спас на ЕСМ и РЕК Битола

РЕК Битола

Производството на струја од РЕК Битола е сведено на минимум или воопшто го нема,a причината е една- испумпување на што поголема количина пари прикриено под назнака „ремонт на блокови“, бидејки назнаката „ископ на јаглен“ веќе е излитено клише, соопшти денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски изјави дека повторно има хаварија во РЕК Битола, односно дека повторно од мрежа е исклучен Блок 1, заради хаварија во котелскиот дел, како што вели, поради нестручна санација. Тој посочува дека Блок 2 е оставен на технички минимум, а Блок 3 ќе биде подолго време надвор од употреба и не се знае кога ќе проработи по тешката хаваријата.

„Граѓаните добиваат скапа струја од увоз којашто денеска е 250 евра/MWh односно 5 пати поскапа од производната цена за MWh на РЕК Битола, со што секој ден дупката на ЕСМ се зголемува за неверојатни милион и петстотини илјади евра. Знаејки дека ЕСМ е државно претпријатие, овие загуби ќе ги платиме сите ние, поради лакомоста на Васко Ковачевски и Кланот Заеви. Веќе ги плаќаме со префрлување на 65-те милиони евра од Буџетот на сметката на ЕЛЕМ, вели Стоилковски.

Според ВМРО-ДПМНЕ во рудниците во РЕК Битола е исто така критично, затоа што годинава се потрошиле 60 милиони евра за ископ на јаглен, а јаглен нема ни за еден месец.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара итни оставки на сиот раководен тим предводен од Васко Ковачевски тука во РЕК Битола, како и формирање на принудно раководство составено од енергетичари со цел, како што вели, спас на ЕЛЕМ и РЕК Битола, односно спас на тоа што остана од нив.

Претходно на 12 ноември изби пожар во Блок 3 во РЕК Битиола. Висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем е причина за пожарот во Блок 3 на РЕК Битола, покажуваат првичните наоди, информира тогаш од АД ЕСМ.

Генералниот директор и директорот на производство во АД ЕСМ, Васко Ковачевски и Благојче Трповски на еден ден по пожарот најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина.