Ерменија бара помош за одбрана од Азербејџан

Ерменски војник на границата со Азербејџан

Ерменија побара помош од Москва за да се одбрани од Азербејџан по новите судири долж границата меѓу двете земји. Обновените судири доаѓаат по една година од прекинот на огнот по војната за отцепениот регион Нагорно-Карабах.

Ерменското Министерство денеска објави соопштение во кое ги повикува Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност, составена од Ерменија, Русија, Казахстан, Белорусија, Киргистан и Таџикистан, како и Групата Минск на ОБСЕ да интервенираат и да преземат мерки „за отстранување на азербејџанските вооружени сили „од територијата на Ерменија.

Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека нивните сили спречиле „големи провокации“ од страна на ерменските сили во областите Калбакар и Лацин кои граничат со Ерменија.

Според азербејџанското Министерството повредени се двајца војници при нападот од ерменска страна.

И Министерството за одбрана на Ерменија обвини дека азербејџанските војници пукале кон нивните позиции долж границата. Од ерменска страна се повредени четворица војници.

Ерменија и Азербејџан лани водеа 44-дневна војна за Нагорно-Карабах, во која загинаа најмалку 6.500 луѓе.

Минатогодишната војна заврши на 10 ноември кога примирјето со посредство на Русија му даде на Азербејџан контрола на делови од Нагорно-Карабах, како и на соседните територии кои претходно ги држеа етничките Ерменци.