САД ја обвинуваат Русија дека „опасно и невнимателно“ дигнала во воздух свој сателит, создавајќи опасен облак од разлетани парчиња во близина на Меѓународната вселенска станица (ИСС)
Разлетаните парчиња од уништениот сателит ја загрозил седумчлената посада, вклучително и двајца космонаути, на Меѓународната вселенска станица. Тие морале да се скријат во капсулите.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс вчера рече дека Русија „невнимателно извела деструктивен сателитски тест“ на антисателитски проектил.
„Тестот досега генерираше преку 1500 парчиња орбитален отпад кој може да биде проследен со стотици илјади помали парчиња кои сега им се закануваат на интересите на сите нации“, рече Прајс на брифинг со новинарите.
Американската армија соопшти дека го истражува „настанот кој создал парчиња во вселената“, откако космонаутите на ИСС биле принудени да се подготват за можна евакуација.
Роскосмос го релативизира значењето на инцидентот. Според нив, објектот кој ја принуди посадата на ИСС да се пресели во вселенските летала Кру Драгон и Сојуз поради безбедност „се оддалечил од орбитата на ИСС“.
„ИСС е во зелена зона“, напиша Роскосмос на Твитер.
Кру драгон и Сојуз може да се користат за враќање на членовите на посадата на Земјата во итни случаи.
Отпадот засега не предизвика инцидент, но неговото потекло сега е во центарот на вниманието.
Се чини дека доаѓа од расипаниот руски сателит Космос-1408. Шпионскиот сателит лансиран во 1982 година, тежеше повеќе од еден тон и прекина со работа пред многу години, наведува Би Би Си.