ДКСК бара кривично да се гони поранешниот министер за култура Исмаили

Хусни Исмаили

Државната комисија за спречување на корупција(ДКСК) на денешната седница реши да поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.

Во посочениот период функцијата министер за култура ја извршуваше Хусни Исмаили. За него постои сомневање дека ја злоупотребил својата функција при случување договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Од ДКСК велат дека договорите биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

И покрај тоа што Министерството за култура немало доволно средства одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари, велат од ДКСК.