Битиќи - Реконструкција на влада со смена на шест-седум министри

Вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Сметам дека наскоро ќе добиеме нова влада, повторно предводена од Зоран Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри, рече денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој вели дека реконструкцијата на владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. За реконструкцијата на владата ќе се преговара со коалициските партнери, а тоа може да биде комплицирано за распределба на нови ресори.

„Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине, посочи Битиќи за Утрински брифинг.

„Сите треба да се преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија“, вели вицепремиерот за економија.

Тој вели дека Влада не функционира нормално веќе три месеци поради локалните избори и работата на сите институции е сведена на минимум.

„Ние овој период требаше да го донесеме Буџетот, ни претстои криза со пандемијата, имаме економска криза, а енергетската криза е нов момент, така што сега не е моментот да не се работи со полна пареа.“

СДСМ со денови најавува зголемување на парламентарното мнозинство, откако опозицијата поднесе иницијатива за гласање на недоверба, која не им помина во Собрание и откако еден од коалиционите партнери во Владата, Движењето Беса најави дека се повлекува од владата.