На Народниот правобранител на Украина и беше забрането да го види поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој е украински државјанин. Саакашвили се наоѓа во затворска болница во Грузија и штрајкува со глад.
Грузискиот министер за правда Рати Брегадзе денеска рече дека правобранителката Људмила Денисова не може да го посети Саакашвили, бидејќи „грузискиот закон не предвидува“ таква посета.
Брегадзе, исто така, ја критикуваше Денисова за претходната изјава што ја даде по состанокот со Саакашвили претходно минатиот месец. Во коментарите таа ја цитираше изјавата на Саакашвили дека му била одбиена медицинска помош.
Грузискиот министер вели дека Денисова дала еднострана изјава, без да ја праша другата страна, дали тоа е така.
Народниот правобранител на Украина, откако и е одбиена посетата на Саакашвили, рече дека ќе се обиде за да се сретне со болничката администрацијата и со лекарите за да добие конкретни информации за здравствената состојба на Саакашвили.
Грузиските власти веќе одбија неколку европски политичари да го посетат Саакашвили.
Саакашвили беше уапсен на 1 октомври за наводен илегален влез во Грузија кога се врати по осумгодишно отсуство.
Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, ја напушти земјата набргу по претседателските избори во 2013 година и беше осуден во отсуство во 2018 година за злоупотреба на власта и за обид да ги прикрие доказите за претепување на пратеник од опозицијата.
Саакашвили рече дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.