Министрите за надворешни работи на Европската унија под раководство на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел расправаа за „Документот за дискусија за Западен Балкан“, подготвен од Европската служба за надворешни работи во кој се наведени следните чекори на ЕУ насочени кон зајакнување на присуството и ангажманот на европските институциите во регионот. Подготвениот документ до кој имаше пристап РСЕ оценува дека политичката ситуација на Западен Балкан е „сè попредизвикувачка“ во последните неколку месеци.
Османи во Брисел - ЕУ станува неатрактивна за гласачите на Западен Балкан
Во документот се наведува дека напорите на ЕУ на Западен Балкан биле „засенети од широкото разочарување на партнерите од Западен Балкан кога станува збор за процесот на проширување“, и дека „јавната поддршка за интеграцијата во ЕУ опаѓа како што се зајакнуваат националистичките пораки и политиките за идентитет“. Шефот на европската дипломатија во документот најавува зајакнување на политичкиот ангажман во регионот. Во таа насока, во документот се споменуваат честите посети на различни министри за надворешни работи од земјите на ЕУ, информирање на земјите од регионот за дискусиите што се одржуваат на ниво на ЕУ, како и најавата за средба на Борел со лидерите од регионот.
Борел - Преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ
ЕУ - Ситуацијата на Западен Балкан е „сè попредизвикувачка“
На крајот од министерскиот состанок, Жозеп Борел потврди дека ја добил поддршката од европските колеги, претставниците на земјите од регионот да бидат поинформирани и вклучени во дискусиите на ниво на ЕУ. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, најави можност за одржување средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти. Тој ги пренесе очекувањата на шефовите на европската дипломатија дека Приштина и Белград ќе ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот и изрази надеж за конструктивен ангажман во понатамошните чекори кон постигнување конечен договор. Борел рече дека Босна и Херцеговина е „високо на агендата“ на министерскиот состанок и изјави дека од тамошните лидери се очекува да се ангажираат во изнаоѓање решенија со цел да продолжат да работат на реформите потребни за унапредување во процесот на интеграција. „Загрижени сме што наместо да ја користат изборната година за спроведување реформи, некои политички лидери се одлучуваат за опструкција - реторика на поделба и национализам“, рече Борел.