Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во посета на Брисел и Бриж каде оствари средба со неговиот бугарски колега Светлан Стоев, на ден по одржувањето на изборите во Бугарија.
Османи ја предупредил Европската унија дека станува неатрактивна за гласачите на Западен Балкан, пренесува МИА.
Во одговор на прашањето дали доколку Северна Македонија не започне преговори во декември постои опасност за земјата и за целиот регион, Османи рекол дека смета оти „проблемите ќе почнат кога ЕУ нема да биде победнички тикет за изборите“, а дека земјата веќе се движи „на патот европската идеја да не биде веќе победничка.“
„Тогаш е лошото сценарио за целиот регион, кога националистичките, ретроградните реторики ќе излезат на површина, тогаш ќе треба да менаџираме со кризи наместо со иднина, изјави Османи.
Османи учествуваше на средба со шест министри за надворешни работи од Западен Балкан со студентите од Колеџот во Бриж, каде се студираат дипломатија.
На средбата косовската и босанската министерка за надворешни работи предупредија дека регионот се движи кон дестабилизација, па и можна нова граѓанска војна. Но, Османи со поумерен тон рече дека фактот што три земји во регионот се сега членки на НАТО носи стабилност.
Во однос на средбата со бугарскиот министер Стоев, Османи рече добил впечаток дека двете страни одат кон попредвидлива фаза во односите.
„Разменивме мислења за динамиките во двете земји кои што беа турбулентни последниот период, со чувство дека двете држави влегуваат во една предвидливост после изборите, што дава можност за еден пофокусиран пристап во однос на изнаоѓање на решение“, вели Османи.