Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја повика Русија да биде „транспарентна“ за нејзините воени активности, во услови на како што рече „голема и невообичаена концентрација“ на руски сили блиску до границите на Украина во последните неколку недели.
Американските и европските официјални лица го вклучија алармот поради руските воени активности во близина на Украина, каде што сепаратистите поддржани од Кремљ контролираат делови од територијата во тековниот конфликт кој од април 2014 година однесе повеќе од 13.200 животи.
„Секоја понатамошна провокација или агресивни дејствија од страна на Русија би предизвикала сериозна загриженост“, рече Столтенберг на денешна заедничка прес-конференција во Брисел со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Два дена претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со неговиот француски колега за „извештаите за руската воена активност во и во близина на Украина“, според Стејт департментот.
Портпаролот Нед Прајс во изјава на 14 ноември рече дека Блинкен и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан исто така се осврнале на „железната посветеност на нивните земји за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.“
Минатата недела Блинкен ја предупреди Русија да не направи уште една „сериозна грешка“ во врска со Украина додека Вашингтон бараше информации за наводното движење на руските војници во близина на границата што Пентагон го нарече „невообичаено по својата големина и опсег“.