Ерменскиот премиер Никол Пашинијан ги обвини азербејџанските воени трупи за прекршувања на мировниот договор долж границата меѓу двете земји. Тој донесе одлука и за смена на ерменскиот министер за одбрана поради наводен инцидент.
За време на изминатиов викенд Ерменија и Азербејџан се обвинија меѓусебно за прекршување на примирјето долж границата во услови на постојани зголемени тензии меѓу двата соседа. Овие две земји пред една година водеа 44-дневна војна за отцепениот регион Нагорно-Карабах.
Пашинијан во својот говор на седницата на Советот за безбедност изјави дека „викендов имало упад на територијата на Република Ерменија од страна на азербејџанските трупи во еден од источните делови на ерменско-азербејџанската граница“.
Пашинијан не посочи во колкав обем се случил упадот, но во говорот истакна дека поради тој упад го разрешил министерот за одбрана Аршак Карапетијан, кој ја извршуваше функцијата од август.
За ваквите обвинувања засега од Азербејџан нема реакција.
Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но беше под контрола на етничките ерменски сили поддржани од Ерменија од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година.
Минатогодишната војна заврши на 10 ноември кога примирјето со посредство на Русија му даде на Азербејџан контрола на делови од Нагорно-Карабах, како и на соседните територии кои претходно ги држеа етничките Ерменци.
Ерменија тврди дека над 3.700 Ерменци и жители на Нагорно-Карабах загинале во 44 дневната војна, додека Азербејџан соопшти дека изгубил 2.900 луѓе.