Пендаровски и Бислимоски разговарале за енергетската криза

Средба на претседателот на државата Стево Пендаровски и Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

За стабилноста на македонскиот електроенергетски систем и предизвиците со кои се соочува земјата, како и за владината уредба за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор, разговарале денеска претседателот на државата Стево Пендаровски и претседател на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, соопштија од Кабинетот на Претседателот.

Бислимоски го информирал претседателот Пендаровски за активностите што се преземаат и предвидените мерки во иднина, за капацитетите на домашното производство, како и за правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности.

Претседателот Пендаровски посочил дека е неопходно да се преземат сите мерки со цел успешно справување со предизвиците наметнати од глобалната енергетска криза, санирање на енергетскиот сектор и потребите на пазарот, како и соработка меѓу државните институции и компаниите од енергетскиот сектор.

Одлуката за прогласување на кризна состојба според Претседателот е нужна, со цел поефикасно спроведување на мерките и справување со предизвиците од енергетската криза.
Владата на 9 ноември прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор.

Неколку денови претходно најголемиот производител на електрична енергија во државата, РЕК Битола неколку часови не работеше, по пожарот во Блокот 3, заради што беше исклучен и Блокот 1. Блокот 2 пак беше на ремонт, но сега тој е во функција, соопштија од АД ЕСМ. Од компанијата објаснуваат дека сега на постројката се изведува технолошки процес на испитување на заштитата на генераторот.

„Станува збор за испитување на нова, софистицирана опрема за заштита на генераторот од германскиот производител Сименс која беше набавена и инсталирана со цел зголемување на доверливоста на капацитетот и заштита на опремата. Испитувањата се очекува да завршат во попладневните часови по што Блок 2 повторно ќе биде пуштен во електроенергетската мрежа, информираат од АД ЕСМ.