Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 220 амандмани и ќе учествува на собраниската комисија за финансирање и буџет, на која денеска започна разгледување на Предлог-буџетот за 2022 година. Ќе учествуваат и на пленарната седница на која ќе се носи буџетот, соопшти денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
Амандманите се однесуваат на енергетиката, образованието, здравството, животната средина, изјави Стојаноски. Посочи дека имаат поднесено пет амандмани кои ги зафаќаат загрозените групи граѓани, стопанството и економските субјекти.
Во 2022 година економскиот раст во земјата се очекува да се забрза и да изнесува 4,6 отсто, бруто-инвестициите да се зголемат за 8,5 проценти на реална основа и да бидат значаен фактор за растот, додека потрошувачката се очекува да се зголеми за 3,1 отсто, рече денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Вкупните расходи се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 отсто од БДП, додека вкупните приходи се планираат на 238,9 милијарди денари или 30,9 отсто од БДП, при што дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, кои, како што потенцира Бесими, единствено ќе се користат за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари, а остатокот ќе се финансира од сопствени приходи.