Реџепи самоволно се засолнил, имал и пораки со закани по живот

Пратеникот Кастриот Реџепи

Самоволно се засолнив на денот на гласањето на недоверба на владата за да не дозволам на бранот на локалните избори земјата да ни отиде во правец спротивен од моите убедувања и стратешка одределба на земјата, рече денеска пратеникот Кастриот Реџепи на прес-конференција во Собранието.

Реџепи не се појави во четвртокот кога беше закажана седницата за гласање доверба на владата. Тој беше потпишан на иницијативата за гласање на недоверба, но по неколку часа откако не се појави во Собранието, објави видео на Фејсбук во кое рече дека нема да дојде да гласа во Собранието.
Потоа партијата Беса, чиј член беше Реџепи, го исклучи од партијата.

Реџепи денеска рече дека не било лесно да биде во спротивност од сопартијците.

„Се надевам дека разумот ќе надвладее во деновите пред нас, верувам дека се можни мостови меѓу нас, јас ќе се обидам да бидам еден од тие мостови. За земјата сега е важна стабилизација за да се справи со енергетската криза, пандемија, не се потребни нови избори, не нов застој, не нови поделби, туку стабилно мнозинство“, рече Реџепи.

Реџепи вели дека првично мислел да дојде и да гласа против на седницата во четвртокот, но така ќе бил единствениот пратеник што ќе гласа така, оти припадниците на мнозинството не беа присутни во собранието. Тој вели дека земјава не е скандинавска, па затоа донел одлука да се засолни, а за тоа не кажал ниту на семејството. Имал пораки со закани по животот додека го немало во Собранието и за тие пораки ги известил институциите. Пратеникот рече и дека имал обезбедување.