Во текот на двете недели од ноември само во два дена воздухот бил чист, односно немало надминување на граничната вредност од 50 ПМ10 на метар кубен, покажуваат мерењата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово. Во октомври пак, од 31 ден, во 11 имало чист воздух, покажува месечниот извештај.
„Состојбата се должи на неповолните временски услови – антициклон сончево време без ветер. Секако и основниот проблем, почеток на грејна сезона и користење на ложишта со фосилни горива како дрво, нафта и јаглен. Дополнително придонесуваат и сообраќајот и индустријата“, изјави доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.
Според него, иако Тетово беше опфатено со мерките за намалување на аерозагадувањето тие не придонеле во поголем обем за подобрување на состојбите.
Мерењата покажале дека минатата година од 365 денови имало 138 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен. Најзагадени месеци биле јануари и декември со по 28 дена и ноември со 27 загаден воздух. Најмалку загадување имало во летните месеци.