Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека е охрабрувачка најавата од можната нова влада во Бугарија дека е потребен нов пристап кон С. Македонија.
„Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред. Ако има и пола од тој дух и на бугарска страна, како што гледаме деновиве, можно е да видиме и пресврт. Дефинитивно нов пристап ќе биде корисен и за нас и за нив“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по завршувањето на финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
Охрабрувачки се, нагласи таа, изјавите дадени во изминатиот период и резултатот од бугарските избори, затоа што, како што рече, Бугарија се доведе во ситуација да не блокира нас и Албанија, но на некој начин да се блокира и себе си.
Кирил Петков, копретседател на коалицијата „Промената продолжува“ која победи на парламентарните избори во Бугарија, во интервју за БНТ најави нов пристап и подобри односи со Северна Македонија.
Тој не одговори на директното прашање на БНТ дали Бугарија треба да го тргне ветото за Северна Македонија на 14 декември, велејќи дека е невозможно да се зборува за конечни резултати без работен процес и додаде дека овој процес ќе биде највисок приоритет на идното раководство на Министерството за надворешни работи на Бугарија, за да не се губи време.