Османи во Брисел ќе има средба со бугарскиот министер Стоев

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Во рамките на министерскиот состанок, Османи ќе има одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев. Како што соопштија од МНР, Османи ќе учествува во дебатата „Дискусија за иднината на Европа - перспективи и придонеси од Западен Балкан“, а ќе има и средби со високи претставници на европските институции, меѓу кои и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина.

Османи: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најлогично сценарио

Во програмата се предвидени и средби со високи официјални претставници на Европскиот парламент и европарламентарци, меѓу кои со копретседавачот со заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Македонија, Андреас Шидер и со известувачот за земјава, Илхан Ќучук. „Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата. Фокусот на Османи ќе биде ставен на реафирмација на силната проевропска програма на Владата, определеноста за унапредување на добрососедските односи и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак“, се наведува во соопштението од МНР.