Австрија воведува забрана за движење на невакцинираните

Виена

Владата на Австрија воведе забрана за движење на невакцинираните, која стапува во сила на полноќ, заради спречување на ширењето на коронавирусот.

Според указот на Владата, на невакцинираните граѓани постари од 12 години им се забранува да ги напуштаат домовите во наредните 10 дена, освен поради основните активности, како што се одење на работа, во продавница, на прошетка или да се вакцинираат.

Властите се одлучија на тој чекор поради зголемениот број смртни случаи од последиците на коронавирус и можноста за преоптоварување на болниците.

Канцеларот Александар Шаленберг изјави дека владата донела одлука за затворање на невакцинираните, зашто нејзина работа е да ги заштити луѓето.

Забраната ќе погоди околу 2 од 8,9 милиони Австријци.

Таа не се однесува на децата до 12 години, кои засега не може да бидат вакцинирани.

Забраната засега ќе трае 10 дена, а Владата побара од полицијата да проверува дали присутните на јавни места се вакцинирани.

Во случај на прекршување на забраната, невакцинирани може да бидат казнети до 1450 евра.

Австрија, каде што се вакцинирани 65 отсто од жителите, има една од најниските стапки на вакцинација во Западна Европа, а во изминатите недели дојде до зголемување на бројот на нови инфекции.