Договорени сите активности на „Отворен Балкан“ до Самитот во Тирана

Илустрација

На состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Ниш, на кој се одржаа низа средби на министри од владите на Македонија, Србија и Албанија, потпишан е Заклучок од работните средби, во кој се дефинирани сите активности што ќе бидат спроведени до Самитот во Тирана на крајот на декември, објави на Инстаграм српскиот министерот за финансии Синиша Мали по завршувањето на дводневниот собир.

Според Мали, овие активности ќе придонесат за олеснување на трговијата, соработката во областа на безбедноста на храната и фитосанитарната и ветеринарната инспекција.

До крајот на годинава интензивно треба да се работи на воспоставување систем за електронска размена на сите потребни документи, царински декларации, фитосанитарни и ветеринарни сертификати, како и на подобрување на постојните системи.

„Реализацијата на оваа мерка значително ќе придонесе за помало задржување на камионите на границите“, информира Мали.

Договорено да се потпише договор со кој ќе се овозможи слободен пристап до пазарот на трудот на граѓаните од трите земји, а граничните служби на трите земји до крајот на годината треба да воведат систем на непрекината работа. Трите страни ќе потпишат и валидираат договори за признавање на статусот на овластени економски субјекти, што во голема мера ќе го олесни преминувањето на границата за некои компании и ќе донесе други придобивки, најави српскиот министер за финансии.

Мали додаде дека ќе се формира заедничка работна група која ќе се занимава со усогласување на даночната политика на трите земји од „Отворен Балкан“.

Во Ниш претходните два дена се одржа средба на повеќе од 160 претставници на владите, државната администрација, институциите и стопанските комори на Македонија, Србија и Албанија, меѓу кои и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.