Претседателот Стево Пендаровски синоќа порача дека треба да се почека од понеделник за да се види како ќе се развива ситуацијата по неуспешниот обид за изгласување недоверба на Владата.
„Јасно е дека состојбата сега е пата-пата. Да видиме дали од понеделник ќе се формира ново, ќе се обнови постојното или ќе се зголеми ова мнозинство што е досега“, изјави шефот на државата.
Во врска со можноста за одржување на лидерска средба, Пендаровски посочи дека за такво нешто потребна е взаемна согласност и од власта и опозицијата, а кога станува за збор за евентуални предвремени парламентарни избори, тој нагласи според Уставот, постои само еден начин за распишување предвремени избори, а тоа е пратениците со 61 глас „за“ да го распуштат Собранието.
Во меѓувреме, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера побара оставки од лидерите на противничките партии.
Преку партиско соопштение се огласи ДУИ, која оцени дека „наводното опозициско мнозинство од 61 пратеник во состав Левица, Алијанса, Беса, ВМРО и Алтернатива ги загрижи нашите граѓани, но и регионот и нашите сојузници во Брисел и Вашингтон“.
Централно претседателство на Движење Беса синоќа од Тетово порача дека партијата уште еднаш ја реафирмира својата ориентација кон евроинтегративните процеси, сметајќи дека членството во ЕУ е единствената опција за иднината на Македонија.