Претседателски и парламентарни избори во Бугарија

Гласање на машини во Бугарија

Денеска во Бугарија во истовреме се одржуваат парламентарни и претседателските избори. Ова се трети парламентарни избори во Бугарија во последните седум месеци.

Централната изборна комисија на Бугарија во последен момент одлучи да ги преброи контролните ливчиња од гласањето со машини, за да има гаранција за правичноста на изборите. Две партии поради тоа поднесоа жалба до Врховниот управен суд на Бугарија.

Се гласа со 13 илјади машини на речиси сите избирачки места во Бугарија и во странство. Во Бугарија има 543 избирачки места, а поради малиот број гласачи на 300 ќе се гласа со хартиено ливче.

За учество на парламентарните избори во Бугарија пријавени се 20 партии и 7 коалиции, што е помалку од претходните парламентарни избори на 11 јули.

Право на глас имаат 6,7 милиони луѓе. Бугарите во странство можат да гласаат на 751 избирачко место во 68 земји во светот.

Во Македонија избирачки места има во Скопје, Битола, Охрид, Струмица, Кавадарци и Штип. На Балканот најголем број избирачки места за бугарските избори има во Турција – 126.

За првпат по падот на комунизмот во Бугарија на крајот на 1989 година има рекорден број кандидати за претседател и потпретседател на државата. Вкупно 24 партии, коалиции и иницијативни комитети, имаат кандидати за претседател и потпретседател на Бугарија.

Според анкетите, претседателот на Бугарија нема да биде избран во првиот круг, туку тоа ќе се случи на 21 ноември кога треба да се одржи вториот круг.