Највисокиот британски воен офицер го наведе променливиот „карактер на војување“ и предупреди дека сега има најголем ризик во изминатите децении за „погрешна проценка“ која може да доведе до војна меѓу Русија и Западот.
Генерал Ник Картер ја наведе подготвеноста на авторитарните непријатели да ги искористат сите средства, меѓу кои мигрантите, цените на гасот, проксија или компјутерски напади за да ги постигнат нивните цели на меѓународната сцена.
Картер, кој е началник на Британскиот генералштаб, во интервју за Тајмс Радио кое ќе биде објавено утре, вели дека „традиционалните дипломатски алатки и механизми“ кои биле достапни за време на Студената војна и во ерата на американската униполарна доминација исчезнаа.
„Без тие алатки и механизми има поголем ризик овие ескалации да доведат до погрешни проценки“, рече тој.
Неговите коментари доаѓаат во време на зголемени тензии на границата меѓу Полска и Белорусија, а Москва почна да патролира со бомбардери способни за носење нуклеарни боеви глави над територијата на Белорусија додека илјадници мигранти од Блискиот Исток се обидуваат дека ќе може да влезат во Полска.
Тензиите меѓу Русија и НАТО се зголемија во 2014 година по руската анексија на Кримскиот Полуостров од Украина и по руската поддршка за сепаратистите во источна Украина. Рускиот претседател Владимир Путин денеска предупреди дека активностите на САД и НАТО во Црното Море претставуваат „сериозен предизвик“ за Русија.
Американски и европски претставници постојано предупредуваат на закана од руски воен напад, поради трупањето руски војници во близина на границата со Украина.
Во меѓувреме, руски платеници војуваат во централна Африка, руски разузнавачи беа обвинети за атентати на важни луѓе во странство, Белорусија се заканува дека ќе го блокира транспортот на руски гас во Западна Европа, а групи поврзани со руското разузнавање вршат хакерски напади врз западни цели во изминатите години.
„Начинот на војување се промени“, изјави Картер за радио Тајмс.
Британски авиони-ловци Тајфун вчера наводно придружувале два руски воени авиони надвор од зоната на интерес на Велика Британија, а Лондон соопшти дека распоредил мал британски воен тим за потенцијална „инженерска поддршка“ на границата на Полска.