Активностите на САД и НАТО во Црното Море се „сериозен предизвик“ за Русија, рече претседателот на Русија Владимир Путин.
Денешната изјава на Путин е втор обид на Кремљ за помалку од 24 часа да посочи за западното воено присуство во регионот на Црното Море и да го обвини Вашингтон за ескалација на тензиите, откако американските медиуми оваа недела објавија дека американски официјални лица ги предупредуваат европските сојузници на ризикот од можен руски напад.
„САД и нивните сојузници во НАТО вршат непланирани вежби во Црното Море. Не само што е вклучена прилично моќна поморска група во овие вежби, туку и авијација, вклучително и стратешка авијација. Ова е сериозен предизвик за нас“, соопшти Путин на државната телевизија Веста.
Не е јасно на какви вежби се мисли, иако НАТО спроведе големи вежби на Црното Море во последните четири месеци.
Американските власти минатата недела алармираа поради руските активности во близина на Украина, каде што сепаратистите поддржани од Русија контролираат делови од територијата.
Државниот секретар Антони Блинкен ја предупреди Русија да не направи уште една „сериозна грешка“ во врска со Украина.
Вашингтон бараше информации за наводното движење на руски војници во близина на границата. Пентагон тоа движење го оцени како невообичаено по својата големина и опсег.
Официјални претставници на ЕУ ја повторија таа загриженост на 12 ноември и рекоа дека ја следат ситуацијата заедно со нивните сојузници во САД и Велика Британија.
Франција ја артикулираше својата загриженост и ја предупреди Москва дека секоја агресивна акција ќе има „сериозни последици“.
Русија инсистира на тоа дека не е страна во украинскиот конфликт.