Белата куќа загрижена за кризата на границата меѓу Полска и Белорусија

Мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин јавно стапија во дебатата за растечката криза на границата меѓу Полска и Белорусија. Илјадници мигранти од сиромашни земји и земји зафатени со војни од Блискиот Исток се заробени на границата од страна на Белорусија со надеж дека ќе премине во Европската унија. Полската полиција денеска соопшти дека вчера во близина на границата е пронајдено тело на млад Сириец. Од почетокот на граничната криза пронајдени се 11 тела на мигранти.

Бајден на 12 ноември изрази голема загриженост за ситуацијата. Тој рече дека и на Русија и на Белорусија им ја пренеле загриженоста за состојбата на границата. Неколку часа подоцна, на 13 ноември, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја не била вклучена во граничната криза и покрај обвинувањата од Западот и неодамнешните воздушни патроли и воени вежби долж западната граница на Белорусија со ЕУ.

Извештаите од Белорусија говорат дека лидерот на земјата, Александар Лукашенко, кого Европската унија го обвинува за „вооружување на мигрантите“ за да ја поттикне кризата, наредил да се испратат шатори, храна и помош за децата мигранти во импровизираните кампови.

Пред Бајден, забелешки за ситуацијата даде и потпретседателката Камала Харис и изрази слична загриженост за време на посетата на Франција. Таа рече дека за прашањето зборувала и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Лидерите на ЕУ го обвинуваат Мински дека користи тактика на „хибридно војување“ за да ги намами мигрантите и после да ги турка до границата со ЕУ. Според ЕУ, Белорусија го прави тоа за да се одмазди за санкциите што Брисел ги воведе против авторитарниот лидер Александар Лукашенко поради неговото насилно задушување на неистомислениците.

Лидерите на ЕУ ја сигнализираа својата намера да воведат дополнителни санкции следната недела.

Белорусија негира дека го прави тоа и вели дека не може да помогне во решавањето на миграциската криза доколку Европа не ги укине санкциите.

Некои влади на земјите членки на ЕУ, вклучително и Полска, ја обвинија Москва дека му помага на сојузникот Лукашенко да ја оркестрира граничната криза.

Оваа недела, Русија започна патроли над Белорусија со бомбардери способни да носат нуклеарни боеви глави и спроведе заеднички вежби на падобранци во близина на западната граница на Белорусија.