Стотици приврзаници на затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили излегоа на протести во главниот град. Тие бараат политичарот да биде префрлен во приватна болница надвор од затворскиот систем бидејќи неговото здравје е нарушено поради штрајк со глад.
Саакашвили го започна штрајкот веднаш откако беше уапсен на 1 октомври по неговото враќање во Грузија по осумгодишно отсуство.
Две групи демонстранти организирани од партијата Обединето национално движење на Саакашвили маршираа во Тбилиси од две различни станици на метрото кон Министерството за здравство и Министерството за правда, држејќи постери на кои пишува „Слобода на Миша!“ и извикувајќи „Миша“!. Тие бараа средба со министрите за здравство и за правда.
Еден ден претходно, Саакашвили се согласи да го следи повикот на Европскиот суд за човекови права да го прекине штрајкот со глад доколку биде префрлен во цивилна клиника.
Министерот за здравство Рати Брегадзе изјави дека нема да го префрли Саакашвили во цивилна клиника. Наместо тоа, тој рече дека 53-годишниот ќе биде префрлен назад во притворниот центар Рустави од каде што беше префрлен во затворската болница на 8 ноември.
Партијата на Сакаашвили во изминативе денови одржаа неколку протести на кои бараа трансфер на Саакашвили во болница.
Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, ја напушти земјата набргу по претседателските избори во 2013 година и беше осуден во отсуство во 2018 година за злоупотреба на власта и за обид да ги прикрие доказите за претепувањето на пратеник од опозицијата.
Саакашвили е обвинет и дека наредил насилно растурање на протести на опозициските активисти во 2007 година додека бил на функцијата. Судењето за тој случај започна на 10 ноември без присуство на Саакашвили во судницата. Саакашвили тврдеше дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.
Грузија е заглавена во политички ќорсокак по спорните избори минатата година, по кои партијата Обединето национално движење ја бојкотираше работата на парламентот со месеци.