Кастриот Реџепи во полиција дал изјава дека не бил исчезнат

Пратеникот на Беса Кастриот Реџепи се појави во видео споделено на неговата Фејсбук страница

Изјава дека не бил исчезнат денеска во полиција дал пратеникот од Беса Кастриот Реџепи. Тој своеволно дошол во полициска станица и кажал дека никогаш не бил исчезнат, туку самоволно, без никаков притисок, со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитетот поврзан со собраниската седница, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.

Откако неколку часови пратеникот не се појави во Собрание, каде беше закажана седница за гласање недоверба на Владата, на која иницијатива и тој беше потпишан, лидерот на Беса, Биљал Касами го пријави Реџепи за исчезнат во полицијата. Речиси истовремено Реџепи на својот Фејсбук профил во видео порака соопшти дека нема да дојде да гласа и дека е на сигурно, на вистинската страна.

Реџепи најави дека во понеделник ќе се појави пред новинарите за да разјасни што се случило со неговото вчерашно непојавување во Собранието каде требаше да се гласа за доверба на Владата.

Тој ја повика неговата партија, Движењето Беса да не презема избрзани чекори кои ќе им нанесат штета на партиските структури и активисти. Членовите на Беса во владата, министерот за земјоделство и уште двајца заменици министри во меѓувреме си поднесоа оставки од функциите.