Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа си понесе оставка од функцијата. Хоџа кој е од редовите на Беса, денеска на прес-конференција пред Владата рече дека си поднесува оставка поради нарушување на демократијата за време на локалните избори кои се одржаа неодамна.
„А манипулативните методи продолжија и за време на вчерашниот ден, кој беше најсрамниот за демократијата на нашата држава“, рече Хоџа. Тој вели дека одлуката е морален чин и дека е почитување на органите на партијата.
Тој најави дека оставка си поднесуваат и двајцата заменици министри од редовите на Беса, оти како што вели како Движење Беса не можат да го идентификуваат своето политичко дејствување со коалиционен партнер кој користи недемократски дејствувања со единствена цел да остане на власт.
Вчера требаше да се одржи гласање на недоверба на Владата, но еден од пратениците на Беса, Кастриот Реџепи не се појави во Собранието, иако претходно се потпишал на иницијативата за формирање нови парламентарно мнозинство. Хоџа вели дека немале контакти со Реџепи и дека очекуваат да се појави и да ги образложи своите постапки.
Беса и СДСМ за минатогодишните парламентарни избори направија предизборна коалиција и заедно настапија на изборите. Потоа за формирање на влада коалицираа со ДУИ и ДПА. Но минатата недела Беса се приклучи на опозицијата во иницирање гласање на доверба на владата.
Хоџа вели дека го почитуваат Зоран Заев, но дека демократијата во државата е загрозена од ДУИ.