ЕСМ ја соопшти причината за пожарот во Блок 3 во РЕК „Битола“

РЕК Битола

Висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем е причина за пожарот во Блок 3 на РЕК Битола, покажуваат првичните наоди, информира денеска АД ЕСМ.

Од компанијата велат дека се работи на оспособување на трансформаторот на Блок 3 во РЕК „Битола“ кој беше оштетен во пожарот минатиот петок.

Генералниот директор и директорот на производство во АД ЕСМ, Васко Ковачевски и Благојче Трповски најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина.

Во соопштението се наведува дека завршуваат и активности за заокружување на процесот на т.н. нега на Блок 2 кој во недела треба да биде ставен во функција.

Поради пожарот на Блок 3 минатата недела еден ден не работеше ниту Блок 1, а Блок 2 се сервисира.

Пожарот во блокот на РЕК доаѓа во време кога има светска енергетска криза, поради високите цени на енергенсите. Македонската влада на 9 ноември прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена.