Џафери ја затвори собраниската седница, Владата преживеа

Скопје- седница на Собранието за гласање на доверба на Владата

Дваесет минути пред полноќ кога истекуваше рокот до кој требаше да заврши собраниската седница за гласање доверба на Владата, претседателот на парламентот Талат Џафери дојде во собраниската сала и констатираше дека на владата не и е изгласана недоверба.

„Бидејќи немаме кворум за целта за којашто беше поднесено ова прашање, дневниот ред не е изгласан и не може да се отвара дебата според Деловникот, околу иницијативата за гласање за доверба на Владата. Во оваа ситуација кога надминува времето и не ни оставнува ништо друго, да констатираме дека на владата не и е изгласана недоверба и таа продолжува со полниот состав и со должностите што ги има. Предвидената материја за оваа седница е исцрпена и ја заклучувам оваа седница и констатирам дека седницата е завршена“, рече Џафери.

Џафери собраниската сала ја напушти претпладнето откако почна седницата и се констатираше дека со него се 61 пратеник, па излезе за да не и прави кворум на опозицијата. Со седницата, која практично и не започна туку само неколкупати пратениците се собираа и бараа пауза од еден час, претседаваше заменикот собраниски спикер Фадиљ Зендели од Беса.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица се обидуваа да обезбедат 61 пратеник за да се изгласа недоверба на Владата. На закажаната седница не дојде пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што опозицијата немаше кворум за одржување.

Реџепи во видео објавено на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук рече дека е здрав и е добро, наведувајќи стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на народот морало да бидат најважни од се.

„Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-албанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои мои сопартијци, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите“, рече Реџепи.

Од Беса, Алијанса за Албанците, Левица и ВМРО-ДПМНЕ денеска тврдеа дека Реџепи е исчезнат за што и пријавија во полиција. По повеќе од десет часа во Собранието и неколку обиди да почне собраниската седница пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ си замина вечерта во 21.30 часот. Пратеникот и потпретседател на партијата Александар Николоски рече дека ова е ден кој ќе остане запишан на црната страница на македонската историја затоа што се погазила демократијата со киднапирањето на пратеник. Тој нагласи дека решение на оваа ситуација се брзи предвремени избори, а подетални партиски ставови најави по координациите денеска.