Претседателот на „Левица“ Димитар Апасиев, чија партија има двајца пратеници во Собранието вечерва пред Собранието оцени дека ситуацијата е алармантна и дека е парализирана демократијата.
Во изјава за медиумите, Апасиев рече според него потребна е политичка радикализација на опозицијата.
„Јас сум на тој став бидејќи очигледно тие ги користат сите полуги на власта за да оневозможат демократска транзиција на власта и мислам дека треба опозицијата да размисли за радикализација на методите. Тоа значи протести, блокади, парализа на Собранието. Само по себе законодавниот дом веќе не постои, веќе знаете – ситуацијата е 60:60. Тие со вакви методи може да стигнат и до 90“, изјави Апасиев.
Неговата партија заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса за Албанците и Алтернатива се обидуваше да обезбеди 61 пратеник за да се изгласа недоверба на Владата. На седницата закажана за денеска не дојде пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што опозицијата немаше кворум за одржување на седницата.
Реџепи во видео обраќање на својот профил на Фејсбук рече дека тој бил на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на, како што рече, страната на сите граѓани кои сакаат мир, стабилност и демократија.
„Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-албанците“, кажа Реџепи.
Опозијата пак вели дека тој бил киднапиран од страна на власта.