Реџепи се појави- тврди дека му се заканувале сопартијци

Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи се појави во видео споделено на неговата Фејсбук страница

Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој денеска не се појави на седницата на Собранието за гласање на доверба на Владата и поради тоа опозицијата немаше кворум, во видео објавено на неговиот профил на социјалната мрежа Фејбук рече дека е здрав и е добро, наведувајќи „се гледаме наскоро“.

„Ви благодарам на сите за поддршката. Стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на нашиот народ мора да ни бидат најважни од се. Билал Касами и другите, да не се грижат за мене. Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-албанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои мои сопартијци, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите. До тогаш, да живеат слободата и демократијата. Да живеат Албанците, Македонците и сите други граѓани на С. Македонија“, рече Реџепи.

Лидерот на Беса Биљал Касами денеска пријави во полиција „оти пратеник на движењето БЕСА е исчезнат“, како и неговото најблиско семејство – мајка, жена и син. Прашан како го коментира тоа што Реџепи се јавува преку социјалните медиуми, рече дека тоа е дополнителен доказ дека тој може под сила да даде секакви изјави.

„Се додека не излезе пред јавноста и да каже кој е неговиот став, јас може да претпоставувам. После ова што се случи 24 часа да не биде после ова не 61, власта со вакви механизми може да обезбеди и 120 гласа. Значи, веќе ова е делегитимација затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт“, изјави Касами.

Денеска повеќе опозициски лидери рекоа дека се загрижени за тоа каде се наоѓа. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека ќе чекаат до полноќ, до кога има деловничка можност да трае, да се појави Реџепи.

„Не знаеме физички што се случува со човекот, дали е некаде надвор од својата волја или е доброволно таму, да ги видиме тие вредности што ги споделува затоа што пратеници туку така не исчезнуваат“, рече Мицкоски.

Без него, опозицијата не може да обезбеди мнозинство од 61 пратеници за почнување на седницата за гласање доверба на владата.