Села- седницата може да продолжи во секој момент ако се обезбедат услови

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села попладнево пред Собранието изјави дека собраниската седница за доверба на Владата се уште не е завршена и оти до полноќ може да продолжи во секој момент, кога ќе се обезбедат услови.

Најважно во моментот, како што рече тој, е да се дознае каде е пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи. Села рече дека не може да каже дали Реџепи е безбеден или не, но загрижен е поради фактот дека има само една негова објава на Фејсбук.

„Не знаеме каде е еден пратеник, каде се наоѓа. Тоа го кажувам од човечки аспект. Сите без разлика дали се политичари или не, треба да бидат навистина загрижени со фактот дека имаме само еден фејсбук статус. Одговор треба да дадат институциите. Не можам да кажам дали е безбеден или не е, но самиот факт дека немаме негово физичко присуство, мислам дека сите кои се хумани, треба да се прашаат каде е“ рече Села.

Реџепи, кој е еден од тројцата пратеници на Беса, партија дел од владиното мнозинство на СДСМ, која од минатата недела се приклучи кон најавеното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одлуката ја донел по „силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ“ кои му биле доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да земјава да добие датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ.