Секако дека пратениците се за една влада, која негува европски и евроатлантски вредности, така што, срцето на господинот Кастриот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел. Јас сум длабоко убеден дека токму неговата одлука лежи тука, изјави попладнево пред Собранието, пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми.
Прашан дали имале контакт со пратеникот од БЕСА Кастриот Реџепи, Адеми рече „не“, но не одговори на прашањето „колку пратеници стојат зад владата“.
Претходно, седницата за гласање доверба на Владата беше прекината, поради немање кворум и не можност да се утврди дневниот ред и како што соопшти потпретседателот на Собранието, Фадил Зендели дополнително ќе биде известено во текот на денов кога таа ќе продолжи.
Реџепи, кој е еден од тројцата пратеници на Беса, партија дел од владиното мнозинство на СДСМ, која од минатата недела се приклучи кон најавеното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одлуката ја донел по „силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ“ кои му биле доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да земјава да добие датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред Собранието во кое опозицијата прави обид да обезбеди 61 пратеник за да има кворум на седницата за доверба на Владата рече дека ќе чекаат до полноќ, до кога има деловничка можност да трае, да се појави пратеникот од Беса Кастриот Реџепи кој беше дел од мнозинството со ВМРО-ДПМНЕ, но одлучи да не дојде на собраниската седница.