Мицкоски- ќе чекаме до 12 часот да се појави пратеникот Реџепи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанок со опозициските лидери за ново парламентарно мнозинство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред Собранието во кое опозицијата прави обид да обезбеди 61 пратеник за да има кворум на седницата за доверба на Владата рече дека ќе чекаат до полноќ, до кога има деловничка можност да трае, да се појави пратеникот од Беса Кастриот Реџепи кој беше дел од мнозинството со ВМРО-ДПМНЕ, но одлучи да не дојде на собраниската седница.

„Не знаеме физички што се случува со човекот, дали е некаде надвор од својата волја или е доброволно таму, да ги видиме тие вредности што ги споделува затоа што пратеници туку така не исчезнуваат“, рече Мицкоски.

Реџепи, кој е еден од тројцата пратеници на Беса, партија дел од владиното мнозинство на СДСМ, која од минатата недела се приклучи кон најавеното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одлуката ја донел по „силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ“ кои му биле доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да земјава да добие датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ.

Мицкоски рече дека се шпекулирало и вчера дека е можно нешто „вакво да се случи“ и дека го очекувале.

„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници тогаш се поставува прашањето дали воопшто вреди човек да се занимава со политика во оваа наша Македонија додека оваа власт предводена од Зоран Заев постои. Ова е срам и ако се потврди тоа дека е држен надвор од своја волја и дека се наоѓа некаде каде што никој не знае тоа предизвикува силно чувство на гадење и им се извинувам од мое име и од името на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните што мора да бидат сведоци на една ваква циркуска престава“, рече Мицкоски.

На прашањето дали власта сега има мнозинство лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не би го чудело да направат „мнозинство и поголемо од ова“.