Во Собранието има два табора – еден про-ЕУ и друг кој не води во изолација, па пратениците треба да се определат дали се за продолжување на патот на Северна Македонија кон ЕУ и кон стабилност или кон несигурност, изјави попладнево првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Во врска со обвинувањата на опозицијата дека „некој од власта му се заканувал“ на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој преку Фејсбук најави дека решил да не учествува на денешната седница на Собранието на која треба да се гласа по Иницијативата за недоверба на Владата не премиерот Зоран Заев, Груби истакна дека тоа не е вистина.
„Не е точно, не е вистина. Кастриот секогаш беше ориентиран про-ЕУ, про-НАТО, кон пријателството со САД. Ми беше колега во Холандската амбасада, сме работеле заедно и ги знам неговите убедувања дека неговото срце спие во Вашингтон и во Брисел“, изјави Груби за ТВ21.
Прашан дали некој претставник на Владата од ДУИ или од СДСМ имал контакт со Кастриот Реџепи, Груби одговори дека тој не контактирал со него.
„Не можам да тврдам, јас не“, изјави Груби, кој е и генерален секретар на ДУИ.