Касами се сомнева дека Реџепи е присилен да не дојде во Собранието

Билал Касами, БЕСА

Претседателот на движењето Беса Биљал Касами денеска пред Собранието изрази сомнеж дека пратеникот Кастриот Реџепи од неговата партија се држи некаде со сила за да не може да дојде во Собранието и да гласа за соборување на владата.

„Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на оваа позиција. Сè додека немам јасна слика и глас од пратеникот за својот став, јас се сомневам дека тој против своја волја го има декларирано тоа што има декларирано и не може да дојде во Собранието и да ја искаже својата позиција“, рече Касами.

Тој вели дека движењето Беса останува на ставот за „пад на овој режим“. Според него, Реџепи до вчера бил на истите позиции со партијата, а денеска не знае каде се наоѓа.

„Сè додека тој не излезе да каже дека овој став е негов и тоа е доброволно, без присила, јас како човек и како претседател на Беса имам право да се сомневам дека тој, против своја волја, се држи некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста да каже дека тоа е негов доброволен став“, рече Касами.

На прашањето дали преговараат со други пратеници за обезбедување мнозинство за соборување на владата, Касами рече дека во моментов за нив „е многу важно здравјето на пратеникот“ и да искомуницираат со него.

Пратеникот Реџепи утринава на Фејсбук напиша дека одлучил да не учествува на собраниската седница за гласање на доверба на Владата.
„Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движење Беса на која припаѓам е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да имаме датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел“, напиша Реџепи на Фејсбук.

Без него, опозицијата не може да обезбеди мнозинство од 61 пратеници за почнување на седницата за гласање доверба на владата.