Управата за финансиска полиција соопшти дека дека претресот не е извршен во домот на пратеникот Јован Јаулески, ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија, туку се однесува на вработени во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје и бара Управата да не се злоупотребува за политички цели.
„Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје“, истакнуваат од Управата во пишано соопштение до медиумите.
Оттаму нагласуваат дека Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителни трансакции на парични средства меѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.
„Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела“, соопшти Управата за финансиска полиција.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески на неговиот фејсбук профил објави дека рано утрово во домот на неговите родители влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес.