Холандскиот премиер Марк Руте денеска е во посета на Скопје, каде го пречека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, посетата на Руте се одвива во светло на добрите билатерални односи меѓу Кралството Холандија и Република Северна Македонија.
„Но, и во контекст на заложбата од холандската страна за безусловен почеток на пристапните преговори со Европската унија што беше афирмирана на Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Брдо, Словенија во месец октомври“, се вели во соопштението.
Исто така, како што наведува Секретаријатот за европски прашања, Холандија е земја која има „стриктен пристап“ кон објективно вреднување на пристапните критериуми, особено во однос на владеењето на правото и дека поддршката на Холандија се изразува и преку оваа посета која, како што се наведува, е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда, Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите со ЕУ.