САД и ЕУ против величење на воениот злосторник Младиќ

илустрација

Американската Амбасада во Србија за Гласот на Америка оцени дека „Ратко Младиќ не треба да биде лицето кое Белград го покажува на светот“, по повод инцидентите и апсењата на активисти кои фрлаа јајца на муралот со ликот на хашкиот осуденик Ратко Младиќ.

„САД и Србија се посветени на основните вредности, вклучувајќи ја толеранцијата, човековите права и владеењето на правото. Понекогаш е предизвик да се помириме со тешките моменти од минатото – и за САД и за Србија – но нема ништо чесно во заштитата на меморијал на воен злосторник, осуден за геноцид и злосторства против човештвото. Се надеваме дека Србија ќе се фокусира на посветла, поинклузивна иднина, наместо повторно да минува низ болката, темнината и поделбите од 1990-тите“, се вели во писмената реакција на американската амбасада.

Портпаролката на Европската унија Ана Писонеро во одговорот за Радио Слободна Европа вели дека ЕУ има јасен и цврст став за потребата ефикасно да се надмине наследството од минатото и да се воздржи од каква било глорификација на воените злосторници и негирање на воени злосторства.

„Од секоја земја што претендира да се приклучи на ЕУ се очекува да се придржува и да ги промовира основните вредности на ЕУ, како што се владеењето на правото, демократијата и правдата. Како што истакнавме во нашиот последен пакет за проширување, Србија треба да продолжи и да ги продлабочи реформите во областа на слободата на изразување и домашното решавање на воените злосторства. Ова е од суштинско значење за земјата да постигне напредок на нејзиниот пат кон ЕУ“, посочи Ана Писонеро во писмен одговор за РСЕ.

Во близина на муралот со ликот на Ратко Младиќ во центарот на Белград вчера избувнаа инциденти, а полицијата уапси шест лица за „нарушување на јавниот ред и мир“, соопшти МВР на Србија. Ѓорѓо Жујовиќ, функционер на Социјалдемократската партија на Србија, денеска фрли боја врз муралот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во центарот на Белград. Жујовиќ рече дека откако фрлил боја врз муралот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, полицијата го следела додека се движел низ градот, поради, како што објасни, неговата безбедност.

На 8 јуни, механизмот на Меѓународниот кривичен суд, наследникот на Хашкиот трибунал, ја потврди пресудата на Ратко Младиќ (78) на доживотен затвор поради геноцидот во Сребреница, прогон, злосторства против човештвото, истребување и други воени злосторства во Босна и Херцеговина од 1992 година до 1995.