Шпекулации се тврдењата дека има нерегуларности во подготовката на изборите во Бугарија. Ова на почетокот на состанокот на бугарската влада го изјави премиерот Стефан Јанев, јави дописникот на МИА од Софија.
„Некој има за цел да ги дискредитира изборите во Бугарија и да ја доведе во прашање легитимноста и автентичноста на изборниот резултат. Главната цел на овие предлози е да се демотивираат бугарските граѓани да гласаат на денот на изборите“, додаде привремениот премиер на Бугарија.
Тој оцени дека е недозволиво и е за осуда основното право на избор да биде залог и жртва на теснопартиски и конјунктурни интереси. Јанев гарантира дека преодниот кабинет на Бугарија ги презел сите активности за да обезбеди слобода, транспарентност и правичност при гласањето.
„Нема потреба да се грижите дека нешто не е во ред со подготовките за изборите. Бугарските граѓани ќе можат да гласаат мирно, слободно и без грижи“, изјави тој.
Јанев ги повика Бугарите да бидат активни и да го искористат своето право на глас на предвремените парламентарни и редовните претседателски избори в недела. Тој објасни дека високата излезност во Бугарија ќе доведе до легитимен парламент, а потоа и до формирање стабилна редовна влада на земјата.