Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи најави дека денеска во Москва со неговиот руски колега Сергеј Лавров ќе разговара за кризата со мигрантите на границата меѓу Белорусија и Полска. Вчера за ова разговарале и лидерите на двете земји Владимир Путин и Александар Лукашенко. Тие, како што беше соопштено, изразиле загриженост за присуството на полски трупи на границата. Претходно, белоруското министерство за одбрана го повика одбранбеното аташе на Полска во врска со, како што е наведено во Минск, неоснованите обвинувања за вмешаност на белорускиот воен персонал во миграциската криза на меѓусебната граница.
Зголемени тензии на полско-белоруската граница
Фон дер Лајен ги повика членките на ЕУ да ги прошират санкциите против Белорусија
Полските власти соопштија дека илјадници мигранти се собираат во близина на границата со Белорусија и го обвинија Минск дека се обидува да предизвика голема конфронтација. Ова пак ја поттикна Европската унија да побара нови санкции кон Белорусија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика земјите-членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти, кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти на границата со Полска.