Џафери: Доколку не се изгласа недоверба на Влада, наредните три месеци не може повторно да се гласа

претседателот на Собранието  Талат Џафери

Доколку не ѝ се изгласа недоверба на Влада, наредните 90 дена не може да има повторно гласање за ова прашање, изјави синоќа во Клик Плус претседателот на Собранието Талат Џафери. „Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена“, рече Џафери. Седницата за гласање на доверба на Влада е закажана за в четврток во 11 часот.

Четири сценарија за доверба на Владата

Според Џафери премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев направил добро што не се повлече од функциите. „Ова го кажувам како дел од актуелното мнозинство. Не треба да се води од моментални емоции. Треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата, Институциите треба да функционираат нормално“, рече Џафери.

СДСМ со одлука за одложување на оставката на Заев

На синоќешната седница на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, како што изјави претседавачот на ЦО на СДСМ Перо Костадинов, едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Зоран Заев да ги одложи оставките на одредено време, додека не се нормализираат процесите во државата. Заев ги најави оставките на 31 октомври поради поразот на СДСМ на локалните избори.