Членот на раководството на СДСМ и градоначалник на Валандово, Перо Костадинов денеска изјави дека членовите на Централниот одбор на партијата имајќи ги во предвид случувањата во државата и моментумот во кој што се наоѓа Македонија во периодот кој е клучен за процесите кои следуваат, едногласно донела одлука и препорачала претседателот на СДСМ и премиерот на државата Зоран Заев да ја одложи оставката на неодредено време додека процесите не се нормализираат.
„Во овој период Централниот одбор едногласно донесе одлука за одложување на неодредено време, затоа што состојбата во државата го бара тоа. Значи ќе се следат состојбите и ќе се работи на истите тие состојби“, рече Костадинов по средбата на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ на прашање дали Заев ќе биде овластен евентуално да преговара за формирање на нова Влада и мнозинство.
Костадинов рече дека не може да го коемнтира ставот на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи и дека ќе има најразлични ситуации и шпекулации во наредните денови, но изрази надеж дека сите пред се политичари и функционери ќе го запазат демократскиот курс по кој што е тргната земјата и патиштата кои значат прогрес и движење кон ЕУ.
Реџепи вечерва потврди дека го прифаќа повикот кој денеска му го предложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да се потпише на нова иницијатива за гласање доверба на Владата.
Според Костадинов на средбата се дискутирало за најразлични теми и повтори дека најважно е парламентарно мнозинство да продолжи по зацртаниот пат. Тој додаде дека истата одлука важи и за другите членови на СДСМ кои поднеле оставка. Костадинов најави дека повторно ќе се состануваат органите на партијата за да разговараат за актуелните теми.
Заев ја најави оставката на 31 октомври поради поразот на СДСМ на локалните избори.