Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски изјави дека инцидентите и хавариите во електроенергетските капацитети никој не може да ги предвиди, но тие не треба да бидат изненадување ако се земе предвид дека гаранциите на производителите се 35 години, а во земјава се произведува електрична енергија во капацитети стари 40 години.
„Се вложува во нив, се инвестира, но не можеме да ги форсираме како што се форсирале во 2011, 2001, 1991 година. Во енергетиката 10 години е далеку, истрошеноста на материјалите е голема. По логиката на нештата, од технички аспект, РЕК Битола требаше да биде затворена 2015 или 2017 година“, рече Ковачевски при гостувањето во Топ тема на Телма.
Според него, се исклучува човечки фактор или саботажа за дефектот во РЕК Битола и трансформаторот е стар и не е во добра состојба. Во моментов, како што наведе, функционираат првиот блок на РЕК Битола, Когенеративната гасна електрана во Скопје, хидропотенцијалот и ветерниот пат во Богданци, додека надвор од употреба се блоковите 2 и 3 во РЕК Битола. Тој додаде дека блок 2 е во сервисни активности и се очекува до крајот на неделата да биде ставен во функција. Во Блок 3, како што рече Ковачевски, се работи на изгорениот трансформатор, екипите даваат позитивни сигнали. Тој нагласи дека поради хаваријата во РЕК Битола, морале да набават струја по „хупекс“ цена или во спротивно ќе биле принудени неа да ја обезбедат преку европскиот систем за 50 проценти поскапо.
„Имаме закупено капацитети до 21 ноември, онолку колку што треба. Во недела, на 14 или 15, недела спрема понеделник, Блокот 2 ќе биде во функција и очекувам дека со двата блока ќе ги задоволиме најголемиот дел од потребите на „ЕВН хоум“. На 1 декември ќе стартува и нашиот трет капацитет, а тоа е Осломеј“, посочи Ковачевски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимовски изјави дека е прерано е да се зборува за цената на електричната енергија, бидејќи прво треба да се расчисти кој и колку може да произведе струја во државата, со цел притисокот да не биде постојано врз ЕСМ.
„Треба ЕСМ да има цена по која што ќе си ги покрива своите трошоци и врз основа на тоа да си го планира производството, а „ЕВН хоум“ набавката. Доколку трошоците компаниите за набавка на електрична енергија се превисоки, тогаш РКЕ ќе ја разгледа опцијата за намалување или целосно укинување на профитите на енергетските компании што ги регулира, со цел да се избегнат ценовни шокови“, изјави Бислимовски при гостувањето во Топ тема на Телма.
Тој нагласи дека методологијата за пресметка на цените на РКЕ, која е иста како и во ЕУ, гарантира профит, а доколку енергетските компаниите не ги следат одлуките на Комисијата сами се одговорни за загубите.