Реџепи го прифати предизвикот на Мицевски, но, Алтернатива одлука ќе донесе утре

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи вечерва потврди дека го прифаќа повикот кој денеска му го предложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да се потпише на нова иницијатива за гласање доверба на Владата.

„Начелно го прифаќам предизвикот на Мицевски, утре претседателството на Алтернатива ќе ја донесе конечната одлука“, изјави Реџепи за „Слободен печат“.

Мицевски денеска преку Фејсбук му понуди на Реџепи да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на владата на која тој би се потпишал заедно со уште 19 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“, напиша Мицевски на Фејсбук.

Реџепи вчера изјави дека бил „прелажан“ да се потпише на иницијативата за новото парламентарно мнозинство, нагласувајќи дека не сака да учествува во уривањето на Владата заедно со пратеници од Левица. Тој порача и дека ќе ја напушти Алтернатива, доколку партијата заедно со Левица учествува во уривањето на Владата.