Кризи...
ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Господинот Мицотакис преку неговиот портпарол, наместо да испрати јасна порака за поддршка на Договорот од Преспа, се фали дека наводно е оправданo што веќе две години го поткопува Договорот, со нератификувањето на Меморандумите, соопштуваат од грчката опозициска партија СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина.
САД / БИХ - Санкциите за БиХ се подготвени, но, тие нема да бидат насочени кон Република Српска, туку кон поединци, политички лидери кои дејствуваат против Дејтонскиот договор, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар на крајот од неговата посета на Босна и Херцеговина.
АВГАНИСТАН - Околу 150 авганистански пилоти обучени од САД се подготвуваат да заминат од Таџикистан за да бидат преместени во Соединетите држави по речиси три месеци, соопштија претставници на американската амбасада.
МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија.
НОВ ЗЕЛАНД - Неколку илјади луѓе се собраа денеска во Велингтон во знак на протест против мерките воведени поради епидемијата на корона вирусот, а голем број полицајци беа присутни на улиците во градот поради протестот.
СРБИЈА - Во Србија бројот на вакцинирани против коронавирусот е зголемен за 70 отсто од воведувањето на ковид пропусниците, а во еден ден се дадени 40.000 вакцини, изјави денеска директорот на Канцеларијата за информатичка технологија и е-Управа, Михаило Јовановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
МАКЕДОНИЈА - Во Институтот за белодборни заболувања кај децата – Козле се хоспитализирани 21 дете заболено од Ковид-19 и сите се во добра општа состојба изјави за МИА, директорот на таа јавна здравствена установа, Бесник Зеќири.
РУСИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска разговараа за мигрантската криза на белоруско-полската граница и изразија загриженост за присуството на полски трупи таму, објави белоруската државна новинска агенција Белта.