Вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи пред почетокот на седниците на Извршниот и Централниот одбор на партијата изјави дека треба да се подготват за четврток кога во Собранието треба да се гласа за доверба на Владата, бидејќи пред нив се големи предизвици, општествени и економски. Според него, на средбата ќе видат кое е најдоброто решение. Во врска со најавената оставка на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, Битиќи истакна дека таквиот потег го смета за демократски чин.
„Мора да се навикнеме на такви демократски чинови, но тоа не значи дека премиерот Заев не ни треба. Сметам дека во овој момент тој му е потребен на општеството и му треба на владеењето во државата и понатаму. Така што не знам дали денеска на дневен ред ќе расправаме за неговата оставка, но сметам дека има побитни теми. Енергетската криза, економската криза, пандемијата која што очигледно има нов бран и секако севкупниот предизвик во којшто државата се наоѓа“, додаде Битиќи.
Според него, раководството на партијата не бега од одговорноста за резултатите на локалните избори, бидејќи „тоа е морален и етички, но секако и демократски чин“. Запрашан дали има идеи за евентуално нов лидер на СДСМ, Битиќи само кусо одговори: „не, се уште е рано“.
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, пред седниците изјава дека на нив ќе се разговара околу актуелната политичка ситуација во државата.