Санкциите за БиХ се подготвени, но, тие нема да бидат насочени кон Република Српска, туку кон поединци, политички лидери кои дејствуваат против Дејтонскиот договор, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар на крајот од неговата посета на Босна и Херцеговина.
„Санкциите се на маса и не се само санкции. Постојат и други економски средства што можат да се спроведат, не само против лидерите кои водат антидејтонски активности, туку и против оние кои им даваат економска поддршка. Значи, компаниите што ги поддржуваат“, истакна Ескобар.
Според него, Република Српска нема да биде санкционирана, бидејќи луѓето во тој регион доволно страдале. Ескобар наведе и дека нема да има нова војна во БиХ.
„Земјата има цврсти безбедносни гаранции од САД и од нашите европски партнери“, посочи Ескобар.
Габриел, кој е заменик помошник државен секретар во бирото за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот, пристигна во Сараево неколку дена откако високиот меѓународен претставник во земјата рече дека има постоечка закана од сепаратистички акции од страна на лидерот на босански Срби Милорад Додик.