Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија.
Како што информираше министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.
„На 30ти октомври Владата донесе уредба за критериумите, условите и мерките што се преземаат за прогласување кризна состојба со снабдувањето со електрична енергија. Кризната состојба е настаната поради временските и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија“, рече Бектеши.
Тој нагласи дека кризната состојба е со цел да се вбризгаат средства во енергетските компании и да се зголеми нивната ликвидност, како и дека нема да има никакви рестриктивни мерки за граѓаните. Бектеши појасни дека кон енергетските компании од Буџетот ќе бидат трансферирани околу 4 милијарди евра (околу 65 милиони евра) се со цел да може да се надминат сите ризици кои престојат во енергетскиот сектор и за редовно снабдување со струја.
„Наша цел е да нема рестриктивни мерки и да нема големо зголемување на цената на електричната енергија по Нова година“, рече Бектеши додавајќи дека ќе има и други мерки како што е помошта за ранливите категории граѓани.
Одговарајќи на новинарско прашање, Беџети рече дека на денешната седница на Владата не било разгледувано разрешувањето на првиот човек на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски.
Бектеши рече дека ТЕЦ Осломеј се очекува во функција да се стави на 1 декември.